«

»

Aug 28

Претприемништво, претприемничка култура и претприемничко учење

Развојот на претприемништвото, односно претприемничката култура, е една од најактуелните теми на денешницата. Особено во услови на глобална економска криза и рецесија, многу теоретичари излезот го гледаат токму во развојот на МСП, кои се: иновативни, лесно приспособливи на ново настанатото деловно окружување и даваат можност за нови вработувања. Улогата на големите фирми да обезбедат вработување се намалува и луѓето се повеќе бараат начин за нивно оспособување во друг правец. Краткорочно, на малите и средни претпријатија (МСП) се гледа како на начин да се реши проблемот со невработеноста, но тоа е само дел од одговорот. Долгорочно, државата мора да изгради силна и одржлива претприемничка култура.

Истражувањата покажуваат дека не постои консензус по прашањето за дефинирање на претприемништвото. Претприемничката култура е нова култура на живеење, култура на негување на лични квалитети кои ја сочинуваат основата на претприeмништвото: креативност, иницијатива, одговорност, независност, способност за преземање на ризик. Развојот на претприемничките способности и вештини, кај луѓето од сите возрасти, класи и националности, им помагаат не само во нивната професионална кариера, туку и во животот, како одговорни и активни граѓани на општеството.

Преку образованието, претприемничката култура треба да биде вклучена во животот на децата и младите уште од најрана возраст. Во истовреме, треба да се зголемува свеста кај родителите, заедницата и образовните институции дека претприемништвото е почитувана опција во кариерата. Треба да се смени размислувањето кое го гледа претприемништвото како едноставно правење пари, ризична дејност и несигурен начин на самовработување.

Но, треба да се потенцира дека претприемничкото учење не е само уште една начин за изучување бизнис вештини. Во поширока смисла, се работи за оспособување на младите луѓе со менаџерски способности кои ќе им помогнат во животот што следи. Се учат вештини за стекнување самопочит и самодоверба, како и вештини за опстанок во надворешниот свет. Се става поголем акцент на правењето нешто наспроти само учење. Се развива индивидуална способност да се претвори идејата во акција. Тоа вклучува креативност, иновација и превземање ризик, но истовремено и способност да се планира и раководи со проекти во правец на остварување на поставените цели.

Сепак, градењето претриемничка нација не е краткотраен процес. Само доколку се прифати на долг рок овој пристап може да ги донесе посакуваните резултати. Важноста да им се помогне на младите луѓе целосно да ги развијат своите потенцијали не смее да се потценува. Според некои истражувања, до 2010 година половина од работите кои ќе се нудат на пазарот на труд во Европа, ќе бараат луѓе со висока оспособеност. Само 15% од работните места ќе бидат достапни за оние кои имаат основни познавања. Оттаму произлегува сериозноста на овој проблем.

Што може државата да направи во овој правец?

Дали Македонија е спремна за претприемничка револуција?

Активности се потребни на повеќе нивоа. На највисоко ниво, Владата треба да ги поврзе стратегиите за економија и образование во една заедничка стратегија. Треба да се работи на подобрување на претприемничкиот амбиент во сите сфери на живеење.

Пресудна е улогата на наставниот кадар кој може да го стимулира ентузијазмот меѓу учениците. Но, повеќето од нив ниту имале обука за стекнување вакви вештини ниту се доволно мотивирани да го прават тоа. Затоа активностите во правец на нивно оспособување и мотивирање се решавачки.

Локалната заедница има важна улога во поврзување на образовните институции со локалните организации и фирми, со цел организирање практични проекти за нивните ученици.

И на крај, тука се родителите чија задача е да ги едуцираат и охрабруваат своите деца во духот на претприемништвото. Според истражувањата, 2/3 од претприемачите потекнуваат од семејства каде едниот или двата родители имале свој приватен бизнис.

Уште еден аспект на претприемничка култура е онаа во големите корпорации (внатрешно или корпорациско претприемништво). Големите фирми ги согледаа предностите на МСП и започнаа тренд на промена на постоечката организациона култура во претприемничка корпорациска култура. Тие креираат претприемнички профитни центри, го менуваат ставот кај вработените во претприемачки, поттикнуваат доверба, самодоверба и креативност, даваат слобода и флексибилност, креираат лидери, ги стимулираат вработените да стекнуваат нови вештини.

Променливото опкружување создава потреба за постојано усовршување и доживотно учење, не само кај младите туку и кај возрасните. Посетата на обуки, летни школи, семинари, конференции, дава можност за едуцирање на индивидуи, веќе искусни во својата област, кои сакаат да го надоградат своето знаење или да стекнат нови вештини. Овие нови вештини т.н. основни компетенции вклучуваат: работа на комјутери, познавање странски јазици, учење како да се учи, технолошка култура, претприемништво, социјални вештини, иновативност и креативност. На овој начин возрасните се оспособуваат да се соочат со проблемите и предизвиците на секојдневниот живот, станувајќи дел од општество на проактивни и претприемчиви граѓани.

Гледано во целина, претприемничката култура може да помогне во развојот на економијата, особено на земјите во транзиција, и нивно подобро позиционирање во меѓународни размери.

Во Република Македонија, претприемништвото е со Устав загарантирана категорија. Изработената Стратегија за развој на МСП (2002-2012) е основа за создавање на претприемничи амбиент. Реформирањето на деловното окружување дава позитивни резултати, но тоа е процес на кој постојано треба да се работи. Особено значајно е да се изработи Стратегија за претприемничко учење која ќе ги постави основите за менување на свеста за претприемништвото во Република Македонија, како почитувана опција во кариерата и како нов начин на живот.

Снежана Какуринова

Страста, напорите и истрајноста да се поддржи претприемнштвото како трајна определба, доаѓа од желбата да се направи нашата земја подобро место за живеење.

Aвтор: М-р Снежана Какуринова е Сертифициран Менаџмент Консултант (CMC) и Извршен директор на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ. За повеќе информации посетете го веб порталот на http://www.key.com.mk.

Претприемничка Академија

About the author

admin

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

WordPress SEO