«

»

Sep 14

Промени – основа за успешен развој на бизнисите

промени

На денешните Македонски менаџери-основачи кои природно се “деловно неписмени”, бидејќи само мал од нив поминале низ никаква деловна школа, еден под поголемите предизвици е како да станат ефикасни менаџери.

За да можам со повеќе лични примери да го илустрирам моето лично мислење, во наредниот текст ќе се задржам само на менаџерите-основачи.

Чекор по чекор – од сонување до реалност
Уште додека студирав сакав да создадам нешто ново, нешто што ќе биде од корист за другите. После повеќе обиди “вселената” ме спои со компјутерите. Со огромен ентузијазам, во мене “гореше” желбата да го напишам првиот програм кој ќе биде од корист. Така, после буквално дактилографско ноќно препишување на примери од тогашното списание “Računari” (зборувам за далечна 1988 год.) јас го “оживеав” првиот програм со кој се фалев на сите околу мене, а пишуваше само ZDRAVO, на латиница во карактер мод! (Поискусните ќе разберат што значи ова). Од тука тргна моето патување.

Таман помислив дека го достигнав врвот, следниот момент сфатив дека сум поминал само една кратка нагорнина, додека пред мене стоеше огромна планина – да направам нешто што ќе биде реално корисно за некого, а не само за моето его. Но како велат – и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. А јас само што го исчекорив.

Гледано од оваа огромна временска дистанца, знам дека тој чекор сум го направил во оваа насока, накај мене, сега… Но можеше да биде и во друга насока… Но за моја среќа до денес ниту еднаш не се прашав дали насоката е вистинската затоа што тоа едноставно Го знаев, стоеше некаде внатре во мене!

Но каков е тој пат ако не е трновит – сите овоземни патишта се трновити! Чекорејќи кон тој пат се судрив со:

· Употребливоста на мојата креација – кој и за што ќе се користи
· Како да го најдам првиот корисник на тоа што сè уште “не го има видено сонцето”

Интуицијата а и храброста ме водеа напред, па ги најдов одговорите на овие прашања.

Таман мислев дека сум ги решил сите проблеми, (се искачив на планината) се појавија нови проблеми (следна, трета, планина зад планината која веќе ја искачив, но овој пат уште поголема):

· Колку треба да ги наплатам моите услуги
· Кои од сродните услуги треба јас да ги покријам, а за кои да дадам препораки клиентите да ги купат од друго место

Прашувајќи наоколу, учејќи од грешките најдов одговор и на ова прашање.

И таман мислев дека сум гои решил сите проблеми, се појавија… Да, да, тоа било судбината: Цело време проблеми:

· Управување со финансии
· Вработувања
· Плаќање даноци
· Подготвување на договори
· Правење презентации
· Решавање на проблеми со квалитетот
· Проширување на пазарите
· Зголемување на понудата на производи и услуги
· Подобрување на внатрешниот систем за комуникација
…. (можете да замислите колку би била долга оваа листа)

Таман мислев дека сум ги решил и тие проблеми, се појави нов: фирмата доби многу клиенти, има повеќе сопствени производи, има свој сегмент од пазарот, има повеќе од 20 вработени… Стоп. Проблем: Како да се управуваат тие 20+ вработени (кои треба да се дуплираат на неколку пати во наредните години), како да се управува фирмата? Поточно: Како да се управува фирма која нараснала од еден малечок сон сонуван пред 20 години?

Тешко, но не и невозможно!
Јас, студент дојден од Охрид во Скопје, со сонот пред мене, сакајќи да направам нешто ново и корисно, вредно работејќи на исполнување на сонот, дојдов до ситуција која воопшто не ја претпоставував – како да се управува со приватна компанија која сам си ја створил? Замислете, електроинженер кој е заљубен во програмирање, води компанија!

Колку е едноставно да одговори на ова прашање некој професионален менаџер кој целото свое образование го посветил на компаниски менаџмент. Или како ќе одговори некој наследник на 150 години старите приватни компании од Германија или САД.

За среќа, го најдов одговорот и на ова прашање, “се искачив” и на овој врв. Мислам дека беше најтежок до сега. И така е – кога ќе ги видам сите претходни врвови и како се искачував по нив (исклучиво ноќе!) сфаќам дека качувајќи се на овој последниот и јас сум се променил многу. Иако на косата почнаа да се појавуваат бели влакна, (кажуваат дека било знак за здрелост!) промената беше во тоа што се наоѓа под неа – мојот разум. Заклучив: за постојано да се напредува треба да се прават постојани промени!

Промени, промени, промени…
Јас не сум спортист, не играм фудбал, ниту тенис. Но спортувам друг спорт: газење по трње. Исто како спортистите, целиот свој напор го насочувам во реализацијата на целите (за оваа тема во некоја друга статија). За да биде покомплицирано, ова газење по трње е по угорнините на планините кои цело време се појавуваат пред мене. Но како и кај спортистите, газењето по трње по нагорнини е дисциплина, која пак ако доволно долго и посветено се тренира, се постигнуваат резултати, па можеби и медали.

Што значат трњата за кои зборувам? Тоа се сите ситни или крупни непријатности кои се појавуваат при решавањето на проблемите кои се појавуваат пред нас. А ги има многу. Меѓутоа единствен начин да се искачи нагорнината полна со трње е да се истрпи болката кои тие ја предизвикуваат. На крај, не само што сме ја совладале нагорнината, но сме и повеќе отпорни на следните трње на патот, помалку боли.

Денес потребата за промени за мене е еднаква со потребата за пиење вода. Поминат ден без направена промена: лично, дома, на работа,… ми изгледа како стара епизода – реприза. Нема возбуда, нема исполнување.

Но промените не се прават за предизвикаат возбуда – промените се прават за да не не ПРЕГАЗИ времето. Сè тече, сè се менува. Така и ние треба да се менуваме.

Заблуда е тврдењето дека во бизнисот добар производ ве прави успешни. Тоа е потребен, но не и доволен услов (математички израз во докажување на теореми). Менаџерите-основачи треба да ги играат сите оние улоги од горенаведените листи, да се справат со сите функционални области во компанијата. Затоа менаџерите-основачи мора или да научат да менаџираат или да вработат професионалци да го прават тоа затоа што во денешно време ако не напредуваш, тоа значи дека назадуваш, не дека утре ти си полош од денес, туку затоа што утре сите останати се подобри од денес. Значи утре и да си ист како денес, тоа не е доволно!

Промените – стил на живеење
Ова е основата за напредок, за успех во менаџментот. Доколку го прифатите фактот дека утре мора да биде подобро од денес, тогаш следното прашање е: како да го направиме тоа? Одговорот е: нешто мора да се промени. А од тука понатаму е веќе работа на избор: што ќе се менува и како ќе се менува. Може да го промените начинот на комуникација со вработените, може да го промените и изгледот на фактурите (да додадете повеќе детали или да го ставите износот на отвореното и доспеаното салдо кое купувачот ви го должи) или да го подобрите изгледот на вашата web страна или да составите процедура за работа на новото работно место кое го отворивте неодамна…. Оваа листа е бесконечна. Мојата цел не е да набројам идеи за промени (подобрување!), туку да ви кажам тоа што јас го видов: дека секаде околу нас постои нешто што може да се промени. Утре да го направиме подобро од денес.

Како со промените?
Немојте никако да започнете со промените импулсивно. Промените мора да бидат вистински потребни, треба да има услови за спроведување на промените, и на крај треба од напред да знаете дека промената ќе донесе бенефит (во чаршија во Охрид велат ќар), а не товар (зијан).

Најбезбедната промена која можете да ја направите во било кој момент, без никаков ризик од зијан е да го проширите своето знаење: како да ја разберете потребата од промените, како промените да ги претворите во добивка, како промените да ви станат секојдневие. Од тука понатаму е полесно.

Денес јас околу мене гледам многу привлечни врвови, но мене не ми изгледаат напорни и тешки и знам дека на сите можам да се искачам. Прашањето сега е во мудроста за избор – на кој од нив прво да се искачам. Исто така знам дека после тоа следно искачување ништо нема да биде исто – и се радувам на тоа. Сè тече, сè се менува! Panta rei!

Aвтор: Славчо Бујароски е директор и сопственик на Сигма-СБ, компанија за производство и имплементација на деловен софтвер. За повеќе информации посетете ја веб страната на www.sigmasb.com.mk

Претприемничка Академија

About the author

admin

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

WordPress SEO