«

»

Oct 04

Зошто врвните се врвни?

Што го прави еден Надал толку успешен спортист? Што го прави Ворен Бафет да биде светски најпознат(и најбогат) инвеститор? Сите ќе речеме дека тие поседуваат природен талент токму за она што го прават. Како што Бафет има изјавено неодамна, тој бил “со вродена способност да го алоцира капиталот”. Еден во милион. Или ја имаш таа дарба или не. Е, па изгледа не ќе да е така. Практично, не може да поседувате природен талент за одредена работа или спорт, бидејќи специјално насочен талент токму за таа работа не постои. Не може да бидете роден директор или инвеститор или шаховски велемајстор. Успех ќе постигнете само преку долгогодишно огромно количество на напорна работа. Бафет, на пример, е познат по својата дисциплина и долгите часови што ги поминува проучувајќи ги фнансиските извештаи на компаниите каде што би можел да инвестира. Добрата вест за сите е што недоволниот природен талент е ирелевантен-талентот има малку или никаква врска со успехот. Може да се снајдете во голем број на активности, па дури и да постигнете огромен успех.

врвни

Талентот не значи ителигенција, мотивација или лични квалитети. Тоа е способност да правите некоја одредена активност исклучително добро. Британските научници Мајкл Хоув, Џејн Дејвидсон и Џон Слубода направиле обемна студија која покажала дека извонредноста на некоја личност не е последица од поседувањето на вродена дарба. За да видиме како истражувачите дошле до овој заклучок, ќе го земеме во предвид проблемот што тие сакале да го решат. Значи, кога луѓето почнуваат со некоја активност, повеќето учат брзо на почетокот, потоа забавуваат и на крајот престануваат да се развиваат. Само малкумина успеваат да се подобруваат со години, дури и децении и одат по патот кон успехот. Е, сега доаѓа прашањето, односно големиот предизвик на кој што истражувачите не може да му одолеат, а тоа е “Зошто?”. Зошто некои луѓе се способни за напредок и успех? Одговорите може да се добијат со константно набљудување на луѓето со големи успеси на разни полиња.

Нема замена за напорната работа
Студиите на истражувачите биле фокусирани на опсервирање на успешни спортисти, музичари, но и бизнисмени. Првиот битен заклучок до кои доаѓаат тие е дека никој не станува “голем” без работа. Убаво е да верувате дека ако најдете поле каде што сте природно надарени, ќе бидете успешни уште од првиот ден, но тоа не се случува. Нема доказ за врвни резултати без искуство и пракса. И на најталентираните луѓе им треба околу десет години напорна работа за да станат светска класа. Научните кругови го нарекуваато ова “правилото десет години”. Некој ќе рече, а што со Боби Фишер, кој што стана шаховски велемајстор на 16 години? Па, и ова го потврдува правилото: Тој интензивно се занимавал со шах уште од седумгодишна возраст.

Некои истражувачи дури тврдат дека бројката од десет години е минимум, а не просечна вредност за постигнување успех. Во многу полиња(музика, литература) врвните уметници трошат и по 20-30 години пред да го достигнат својот зенит. Многумина врвни спортисти станале легендарни заради бруталната дисциплина со која секојдневно вежбале. Кошаркарот Мајкл Џордан вежбал своевремено и над границите на ионака убиствената клупска практика на тренинзи. Дали тој имал некој екстра вроден талент токму за кошарка? Не би рекле, со оглед на фактот дека во средно школо бил исфрлен од кошаркарскиот тим. Во американскиот фудбал, познат е примерот на Џери Рајс, тој сменил 15 тимови затоа што го сметале за премногу бавен. Тој тренирал толку напорно, што подоцна противничките играчи испуштале душа за да го стигнат трчајќи. Тајгер Вудс, најдобриот голф играч во светот моментално, е школкски пример за она што истражувањата покажуваат. Неговиот татко почнал да го учи голф многу рано, уште на возраст од 18 месеци. Тогаш почнал и да му ја всадува навиката за интензивно вежбање. Поминале најмалку 15 години напорна работа за да Вудс стане најмладиот победник во историјата на американскиот аматерски шампионат во голф. Сега се наметнува прашањето, а како се вежба бизнисот?

Како е во бизнисот?
Многу елементи од бизнисот се вежбаат. Презентација, преговарање, проценка, креирање и читање финансиски извештаи-сето ова може да се вежба. Сепак, тие не се есенцијата на големите менаџерски резултати. За нив е потребно да се носат одлуки во услови на непотполни информации и нестабилна средина, при интеракција со луѓе. Дали може и тоа да се тренира? Може, но не начин на кој би вежбале на пијано етида од Шопен, се разбира. Се работи за тоа како всушност го правите тоа што го правите.

Треба да воспоставите пракса во вашата работа, која што бара неколку значајни промени. Првата е, да одите кон извршување на некој задача поставувајќи си нова цел, а тоа е: наместо да се гтрудите рутински да ја сработите, гледајте да бидете подобри, секој нареден пат. На пример, пишувањето извештај бара пронаоѓање информации, анализирање и нивно презентирање. Секоја од овие вештини може да се подобрува. Претседавање со управен одбор бара длабоко познавање на компаниската стратегија, пазарните промени, но и способност за раководење со дискусија. Повторно, и ова се вештини кои може да се подобруваат. Заклучокот е дека ние не сме заложници на некое природно доделено количество на талент. Можеме да станеме онакви какви што сакаме. За жал, оваа идеја не е многу популарна. Луѓето мразат да го напуштат сфаќањето дека би достигнале слава и богатство само ако имаат некој посебен талент. Овој став е многу ограничувачки, бидејќи кога ќе наидат на неизбежните препреки на патот, повеќето заклучуваат дека едноставно не ги бива и се откажуваат.

Преземено од: Неделен магазин Капитал www.kapital.com.mk

Претприемничка Академија

About the author

admin

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

WordPress SEO